Ѓорче Петров, (02.04.1865 - 28.06.1921) роден во Прилеп, бил професор, историчар, публицист, идеолог на Македонската револуционерна организација. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и Пловдив. Подоцна, учителствувал во повеќе градови и ја објавил книгата „Материјали за изучување на Македонија". Сфаќајки ја улогата на црквата во борбата на својот народ за слобода, тој активно ја поддржувал идејата за возобнување на Охридската архиепископија.
Во текот на своето дејствување во рамките на МРО, тој основал повеќе револуционерни групи и кружоци. Бил член на Централниот комитет на МРО, учествувал на Солунскиот конгрес (1896 година) и бил еден од составувачите на Уставот и Правилникот на ТМОРО. Како доверлив човек на Организацијата, заедно со Гоце Делчев, бил поставен за задграничен претставник на ТМОРО, во Софија. Редактирал повеќе револуционерни списанија и весници, меѓу кои и весникот „На оружје". За време на Илинденското востание, предводел чета во Прилепско и во Мариовско, а по неговото задушување, останал во Македонија за да ја возобнови мрежата на Организацијата. Бил противник на Версајските решенија и поделбата на Македонија.
Ѓорче Петров, до крајот на својот живот, останал доследен на вистинските принципи на Организацијата. Станал брег, кој како морска пена ги разбивал странските пропаганди и обидите за поткопување на независноста на Организацијата. Се борел под паролата „Македонија на Македонците" и со својата жртва престставува персонификација на најчистата себе-негација. Ништо не барал за себе, се' што имал, дал за слободата на својот народ, па дури и својот живот. Поради своите цврсти ставови и челична волја за слобода и самостојност на македонскиот народ, тој станува жртва на заговор, кој резултира со негово убиство. Умира во Софија, на 28 јуни 1921 година.