Почитувани, Сериозниот пристап при остварувањето на ветените проекти е карактеристика на ВМРО -- ДПМНЕ. Се со цел поголема ефикасност во реализацијата на барањата од граѓаните, Владата предводена од ВМРО - ДПМНЕ ги презеде најтемелните реформи во областа на катастарот. Потврда за успешното спроведување на реформите е тоа што Македонскиот Проект за катастар на недвижности и регистрација, во 2010 година беше еден од 12-те победници на натпреварот "Подобрување на животот на луѓето во Европа и Централна Азија" што го организира Светска банка. Катастарот од Прилеп успешно го имплементираше овој проект така што се востанови катастар на недвижности за сите катастарски општини на подрачјето на општина Прилеп, Долнени и Кривогаштани до крајот на 2010 година. Направените реформи подразбираат заокружување на преминот од катастар на земјиште во катастар на недвижности каде се изврши запишување на објектите во имотен и евидентен лист по пат на систематско запишување, поединечно запишување и конверзија на податоците од поседовен во имотен лист. Воведена е приватна геодетска пракса со одвојување на теренските од канцелариските работи со што се овозможи побрзо решавање на барањата на граѓаните за запишување или промена на нивните недвижнини, приватизација на градежното земјиште и легализација на бесправно изградените објекти. Од ноември 2011 година катастарот во Прилеп функционира како електронски катастар што претставува една од најзначајните придобивки на граѓаните, а овозможува пријавување, обработка, дистрибуција и пристап до ажурни податоци од катастарот на недвижностите за целата територија на Македонија. Во сите катастарски одделенија во тек е дигитализација на катастарските планови, проект кој треба да заврши до крајот на 2014 година. Почитувани, Со овие реформи Македонија денес се смета за лидер на Балканот по однос на катастарските услуги. Од подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на достапноста на катастарските услуги, непосредна корист имаат сите граѓани. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во насока на подобрувањето на животот на граѓаните и задоволување на нивните потреби и интереси. Ви благодарам!